Концепти

Зајакнување и мобилизација на граѓаните

Општина по мерка на граѓаните

Интеграција на Ромите

Проекти и програми кои се спроведуваат во рамки на концептите

Форуми во заедницата

Пристап до правда во Македонија

Регионална програма за поддршка на истражувања

Проект на УСАИД за граѓанско општество

Хуманитарна и правна помош за мигрантите

Граѓанско учество за локална демократија

Заедничка рамка за правно зајакнување

Мобилизација на локални организации и активизам во заедницата | 2017

Граѓанска акција за итни реформски приоритети | 2017

Инклузивни и транспарентни образовни политики | 2017

Проект на УСАИД за граѓанско учество | 2017

Граѓанска алијанса за транспарентност | 2017

Области

Слобода на изразување

Младинска ангажираност за општествени промени

Унапредување на човековите права во здравството

Мониторинг и документирање на човековите права

Борба против корупција

Буџетска транспарентност

Младински активизам | 2017

Здравствени политики базирани на човековите права | 2017

Програми

Образование

Информации

Медиуми

Правна програма

Јавно здравство

Програма за реформа на јавната администрација и локалната самоуправа

Исток-Исток: Прекугранични партнерства

Граѓанско општество

Регионална програма за поддршка на истражувања

Општо

Форуми во заедницата

Ние одлучуваме

поврзани конкурси

нема поврзани конкурси

поврзани публикации

нема поврзани публикации

Општо
пронајди

ОБРАЌАЊE НА ЏОРЏ СОРОС НА СВЕТСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ

Давос, Швајцарија
25 јануари 2018 год.
 
Сегашниот момент во историјата

Добровечер. За мене, давањето преглед на тековната состојба во светот во рамки на годишниот форум во Давос стана еден вид традиција. Планирав да одвојам половина час за мојата презентација и половина час за прашања, но мојот говор ќе трае близу цел час. Тоа го припишувам на сериозноста на проблемите со кои се соочуваме. Откако ќе го завршам говорот, ќе оставам простор за ваши коментари и прашања. Па затоа подгответе се.

***
Сметам дека сегашниот момент во историјата е прилично мачен. Отворените општества се во криза, а различни форми на диктатури и мафија-држави, според примерот на Русија под водство на Путин, се во подем. Во САД, претседателот Трамп би сакал да воспостави мафија-држава ама не може, бидејќи Уставот, другите институции и енергичното граѓанско општество не го дозволуваат тоа.

Сакале или не, моите фондации, повеќето од моите грантисти и јас лично водиме тешка борба за заштита на демократските постигнувања од минатото. Порано, моите фондации се фокусираа на таканаречените земји во развој, но денес - кога отвореното општество е загрозено дури и во САД и во Европа - повеќе од една половина од нашиот буџет трошиме во нашата земја, бидејќи тоа што се случува овде има негативно влијание врз целиот свет.

Но, заштитувањето на демократските постигнувања од минатото не е доволно; мора да ги одбраниме и вредностите на отвореното општество за тие да можат подобро да ги издржат сите идни напади врз нив. Отвореното општество секогаш ќе има свои непријатели и секоја генерација треба да ја реафирмира својата посветеност на отвореното општество за тоа да може да опстои.

Најдобрата одбрана е принципиелен контранапад. Непријателите на отвореното општество се чувствуваат како победници, и тоа ги охрабрува да ги туркаат нивните репресивни заложби предалеку, што пак генерира огорченост и нуди можности за враќање назад на ударот. Токму тоа се случува денес на места како Унгарија.

***
Претходно, целите на моите фондации ги дефинирав како „одбрана на отворените општества од нивните непријатели, барање отчетност од властите и негување на критичкото мислење“. Но, ситуацијата се влоши. Не е загрозен само опстанокот на отвореното општество, туку опстанокот на нашата севкупна цивилизација. Подемот на лидери како што е Ким Џонг Ун во Северна Кореја и Доналд Трамп во САД имаат голем удел во тоа. Се чини дека обајцата се подготвени да ризикуваат нуклеарна војна само за да останат на власт. Сепак, изворната причина оди многу подлабоко.

Способноста на човештвото да ги искористи силите на природата, и за конструктивни и за деструктивни цели, продолжува да се развива, додека нашата способност соодветно да управуваме сами со себе се намалува, и во моментов е на ниско ниво.

Заканата за нуклеарна војна е толку страшна што ние сме склони да ја игнорираме. Но, таа е реална. Навистина, САД се решени да се впуштат во нуклеарна војна, одбивајќи да прифатат дека Северна Кореа е веќе нуклеарна сила. Тоа создава силен поттик за Северна Кореја да ги развива своите нуклеарни капацитети со целата можна брзина, што пак, за возврат, може да ги натера САД превентивно да ја искористат својата нуклеарна надмоќ, односно да почнат нуклеарна војна за да спречат нуклеарна војна – што очигледно претставува контрадикторна стратегија сама по себе.

Факт е дека Северна Кореја стана нуклеарна сила и не постои никаква воена акција што може да го спречи она што веќе се случило. Единствената разумна стратегија е да се прифати реалноста, колку и да е таа непријатна, и да се помириме со фактот дека Северна Кореја е нуклеарна сила. Тоа налага САД да соработуваат со сите заинтересирани страни, пред сè со Кина. Пекинг има големи лостови на моќ наспроти Северна Кореја, но е неодлучен да ги искористи. Ако силно го притисне Пјонгјанг, режимот би можел да колабира, а Кина би била преплавена со бегалци од Северна Кореја. Уште пострашно, Пекинг е неодлучен да им направи услуга на САД, Јужна Кореја или Јапонија, бидејќи со секоја од нив има различни несогласувања. Постигнувањето соработка ќе наложи екстензивни преговори, но откако ќе се постигне, таквиот сојуз би бил во можност да се спротивстави на Северна Кореја и со моркови и со стапови. Стаповите би можеле да се искористат за таа да се натера да влезе во преговори со добра волја, а морковите за таа да се награди за верификувана суспензија на натамошното развивање нуклеарно оружје. Колку побрзо се постигне таканаречен договор „замрзнување за замрзнување“, толку поуспешна ќе биде политиката. Успехот може да се измери преку времето што би ѝ било потребно на Северна Кореја да го направи својот нуклеарен арсенал целосно функционален. Би сакал да ви го свртам вниманието на два знаменити извештаи што неодамна ги објави Кризната група за изгледите за нуклеарна војна во Северна Кореја.

***
Другата главна закана за опстанок на нашата цивилизација се климатските промени, кои исто така преставуваат сè поголема причина за принудната миграција. На други места, со многу детали сум се осврнал на проблемите на миграцијата, но морам да ја нагласам сериозноста и нерешливоста на овие проблеми. Не сакам да навлегувам во многу детали за климатските промени, бидејќи тие се веќе познати, исто како што е познато и она што треба да се направи. Имаме научни сознанија, но недостига политичка волја, посебно во администрацијата на Трамп.

Јасно е дека администрацијата на Трамп ја сметам за опасност по светот. Но, ја сметам и како чисто времена појава која ќе исчезне во 2020 година, или дури порано. На претседателот Трамп му оддавам признание за брилијантното мотивирање на неговата база на поддржувачи, но за секој еден поддржувач, тој создаде уште поголем број опоненти кои се еднакво силно мотивирани. Токму поради тоа, во 2018 година очекувам победа на Демократите со голема разлика во гласови.

Мојата лична цел во САД е да помогнам во повторното воспоставување на функционален двопартиски систем. Тоа ќе наложи не само победа со голема разлика во гласови во 2018 година, туку и Демократска партија која ќе има за цел неполитичка реорганизација на изборните единици, именување на добро квалификувани судии, соодветно спроведен попис и други мерки кои ги налага еден функционален двопартиски систем.

ИТ монополи

Голем дел од преостанатото време за мојот говор сакам да го посветам на уште еден глобален проблем: подемот и монополистичкото однесување на гигантските компании со ИТ платформи. Овие компании честопати одиграа иновативна и ослободувачка улога. Но, како што Facebook и Google растеа во уште помоќни монополи, тие станаа пречка за иновации и предизвикаа разни проблеми за кои ние дури сега почнуваме да стануваме свесни.

Компаниите го заработуваат својот профит преку експлоатација на животната средина. Рударските и нафтените компании ја експлоатираат физичката животна средина, а компаниите за социјални медиуми ја експлоатираат социјалната животна средина. Тоа е изразено неморално дејствување, бидејќи компаниите за социјални медиуми влијаат врз начинот на кој луѓето размислуваат и се однесуваат, без да бидат свесни за тоа. Тоа има далекусежни негативни последици врз функционирањето на демократијата, особено врз интегритетот на изборите.

Одликата на компаниите со интернет платформи која ги разликува од другите е тоа дека тие се мрежи и уживаат сè повисоки гранични приходи, кои се причината за нивниот феноменален раст. Ефектот на мрежа е навистина невиден досега и трансформативен, но во исто време и неодржлив. На Facebook му требаа осум и пол години за да стигне до една милијарда корисници и само половина од тоа време за да стигне до две милијади. Со ова темпо, за помалку од три години на Facebook ќе му снема луѓе за приклучување на мрежата.

Facebook и Google ефективно контролираат повеќе од половина од севкупните приходи од рекламирањето на Интернет. За да ја одржат својата доминација, тие треба да ги прошират своите мрежи и да го зголемат нивниот удел во вниманието на корисниците. Во моментов, тие тоа го прават преку обезбедување поволна платформа за своите корисници. Колку повеќе време корисниците поминуваат на платформата, толку повредни стануваат за компаниите.

Провајдерите на содржини исто така придонесуваат во профитабилноста на компаниите за социјални медиуми, бидејќи тие не можат да го избегнат користењето на платформите и мора да ги прифатат условите што им се нудат.

Извонредната профитабилност на овие компании во голема мера се должи на нивното избегнување одговорност – и избегнувањето да платат – за содржините на нивните платформи.
Тие тврдат дека само дистрибуираат информации. Но, фактот дека се речиси монополски дистрибутери ги прави јавни услужни претпријатија и треба да ги подложи на построги регулативи кои имаат за цел да ја сочуваат конкуренцијата, иновациите, како и праведниот и отворениот универзален пристап.

Бизнис моделот на компаниите за социјални медиуми се заснова на рекламирање. Нивните вистински потрошувачи се оние кои рекламираат. Сепак, постепено се појавува нов бизнис модел, кој се заснова не само на рекламирање, туку и на продавање производи и услуги директно до корисниците. Тие ги експлоатираат податоците што ги контролираат, ги групираат услугите што ги нудат и користат дискриминаторско утврдување цени со цел за себе да задржат поголем дел од придобивките коишто инаку би требало да ги споделат со потрошувачите. Тоа уште повеќе ја зајакнува нивната профитабилност, но групирањето на услугите и дискриминаторското утврдување цени ја поткопуваат ефикасноста на пазарната економија.

Компаниите за социјални медиуми ги мамат нивните корисници преку манипулирање на нивното внимание и негово насочување кон нивните сопствени комерцијални цели. Тие намерно создаваат зависност од услугите што ги обезбедуваат. Тоа може да биде многу штетно, посебно за адолесцентите. Постои сличност меѓу интернет платформите и коцкарниците. Казината веќе развиле техники за да ги заробат коцкарите до степен до кој тие ги коцкаат сите пари, па дури и парите што ги немаат.

Нешто многу штетно и можеби непоправливо се случува со човечкото внимание во нашето дигитално доба. Компаниите за социјални медиуми не предизвикуваат само лесна разонода или зависност, туку и ги тераат луѓето да се откажат од својата автономија. Моќта за оформување на вниманието на луѓето е сè повеќе концентрирана во рацете на неколку компании. Потребен е реален напор за да се задржи и да се одбрани она што Џон Стјуарт Мил го нарече „слобода на умот“. Постои можност дека откако ќе ја загубат, луѓето кои пораснале во дигиталното доба тешко ќе можат да ја повратат. Тоа може да има далекусежни политички последици. Луѓето без слобода на умот лесно можат да бидат изманипулирани. Таква опасност не претстои само во иднина, туку веќе одигра важна улога на претседателските избори во САД во 2016 година.

Но, на хоризонтот се јавуваат и поалармантни изгледи. Би можело да се појави сојуз меѓу авторитарните држави и овие големи ИТ монополи кои се богати со податоци, што заедно би довело до зародиш на системи за корпоративно следење со веќе развиениот државен систем за следење на комуникациите. Тоа може да резултира во Интернет мрежа на тоталитарна контрола од размери кои не би можеле да ги замислат ниту Олдос Хаксли или Џорџ Орвел.

Земјите во кои постои веројатност за појава на ваквите неприродни бракови се Русија и Кина. Поконкретно, кинеските ИТ компании се целосно еднакви со оние во Америка. Исто така, тие ја уживаат целосната поддршка и заштита од режимот на Си Ѓинпинг. Владата на Кина е доволно силна да ги заштити своите национални првенци, барем во рамките на своите граници.

ИТ монополите во САД веќе се во искушение да се компромитираат за да влезат на овие огромни и брзорастечки пазари. Диктаторските лидери во овие земји би биле пресреќни да соработуваат со нив, бидејќи тие сакаат да ги подобрат своите методи за контрола на сопственото население и да ја прошират својата моќ и влијание во САД и во остатокот од светот.

Сопствениците на гигантските платформи се сметаат себеси за господари на универзумот, но во суштина тие се робови на одржувањето на сопствената доминантна позиција. Уривањето на глобалната доминација на ИТ монополите од САД е само работа на време. Давос е добро место за да се каже дека нивните денови се одбројани. Регулацијата и оданочувањето ќе бидат нивниот пад, а ЕУ комесарката за конкуренција Вестагер ќе биде нивниот најголем непријател.

***
Постои сè поголемо признавање на поврзаноста меѓу доминацијата на монополските платформи и растечкото ниво на нееднаквост. Концентрацијата на акциски удели во рацете на неколку приватни поединци има одредена улога во тоа, но чудната позицијата што ја окупираат гигантските ИТ компании е уште поважна. Тие постигнале монополска моќ, но во исто време тие се натпреваруваат едни со други. Тие се доволно големи да ги проголтаат „старт-ап“компаниите кои би можеле да се развијат во конкуренти, но само гигантите имаат ресурси за инвазија на територијата на другите гиганти. Тие се одлучни во намерата да доминираат во новите области на раст што ги отвора вештачката интелигенција, како што автомобилите без возач.

Ефектот од иновациите врз невработеноста зависи од владините политики. Европската Унија, и посебно нордиските земји, се многу подалекувидни во нивните социјални политики од САД. Тие ги штитат работниците, а не работните места. Тие се подготвени да платат за преквалификација или за пензионирање на раселените работници. Тоа на работниците во нордиските земји им дава поголемо чувство на безбедност и ги прави да бидат поголеми поддржувачи на технолошките иновации за разлика од работниците во САД.

***
Монополите на Интернет немаат ниту волја ниту желба да го заштитат општеството од последиците од нивните акции. Тоа ги прави да бидат закана, па затоа регулаторните тела треба да го заштитат општеството од нив. Во САД, регулаторите не се доволно силни за да се застанат против политичките влијанија. Европската Унија е во подобра ситуација бидејќи таа нема сопствени гигантски платформи.

Европската Унија користи различна дефиниција за монополска моќ од онаа во САД. Спроведувањето на законите во САД примарно се фокусира на монополи што се создаваат преку преземање други компании, додека законите во ЕУ забрануваат злоупотреба на монополската моќ без оглед на тоа како таа била постигната. Европа има многу посилни закони за заштита на приватноста и на личните податоци од Америка. Освен тоа, правото во САД усвои многу чудна доктрина: тоа ја мери штетата како зголемување на цената што ја плаќаат потрошувачите за добиените услуги – и тоа е речиси невозможно да се докаже кога повеќето услуги се обезбедуваат бесплатно. Тоа ги изоставува од разгледувањето вредните податоци што компаниите со платформи ги собираат од нивните корисници.

Комесарката Вестагер е шампион на европскиот приод. На ЕУ ѝ беа потребни седум години за да изгради случај против Google, но како резултат на нејзиниот успех, овој процес сега е значително забрзан. Поради придобивањето нови приврзаници, европскиот приод почна да влијание и врз ставовите во САД.

Подемот на национализмот и како да се запре

Веќе споменав некои од најитните и најважните проблеми со кои се соочуваме денес. Како заклучок, дозволете ми да истакнам дека живееме во револуционерен период. Сите наши воспоставени институции се во состојба на постојано менување и во вакви околности, и правењето грешки и разгледување на грешките работат со полна пареа.

Во мојот живот сум минал низ слични услови, последен пат пред околу триесетина години. Тогаш ја воспоставив мојата мрежа на фондации во поранешната Советска империја. Главната разлика меѓу овие два периоди е тоа дека пред триесет години доминантниот мотив беше меѓународното управување и соработката. Европската Унија беше сила во подем, а Советскиот Сојуз беше во опаѓање. Денес, мотивирачката сила е национализмот. Русија воскреснува и Европската Унија е во опасност од напуштање на своите вредности.

Како што се сеќавате, претходното искуство не помина добро за Советскиот Сојуз. Советската империја колабираше и Русија стана мафија-држава којашто усвои националистичка идеологија. Моите фондации направија многу: најнапредните членки на Советската империја се приклучија на Европската Унија.

Сега, нашата цел е да помогнеме во спасувањето на Европската Унија, за таа радикално да се преобмисли. ЕУ уживаше ентузијастичка поддршка од луѓето од мојата генерација, но тоа се смени по финансиската криза во 2008 година. ЕУ го загуби својот пат бидејќи беше управувана од застарени договори и погрешно верување во политиките на штедење. Она што некогаш беше доброволна асоцијација на еднакви земји се претвори во однос меѓу кредитори и должници во кој должниците не можат да ги исполнат своите обврски, а кредиторите ги поставуваа условите што должниците треба да ги исполнат. Таквата асоцијација не е ниту доброволна ниту еднаква.

Како последица на тоа, голем дел од сегашната генерација почна да ја смета Европската Унија за свој непријател. Една важна земја, Британија, е во процес на напуштање на ЕУ, а најмалку уште две други земји, Полска и Унгарија, се водени од влади кои се ревносни противници на вредностите врз кои се темели Европската Унија. Тие се во акутен конфликт со различни европски институции, а тие институции се обидуваат да ги дисциплинираат. Во неколку други земји, во подем се анти-европските партии. Во Австрија, тие се во владината коалиција, а судбината на Италија ќе се решава на изборите во март годинава.

Како можеме да ја спречиме Европската Унија од напуштање на нејзините вредности? Треба да ја реформираме на сите нивоа: на ниво на самата Унија, на ниво на државите-членки и на ниво на електоратот. Ние сме во револуционерен период, сè е предмет на промена. Одлуките што ќе се донесат сега ќе ја оформат иднината.
 
На ниво на Унијата, главното прашање е што да се прави со еврото. Дали од сите држави-членки треба да се бара на крајот да го прифатат еврото или пак треба да се дозволи моменталната ситуација да продолжи до недоглед? Договорот од Мастрихт ја пропишува првата алтернатива, но еврото разви одредени дефекти коишто Договорот од Мастрихт не ги предвиде и тие сè уште чекаат решение.

Дали на проблемите на еврото треба да им се дозволи да ја загрозат иднината на Европската Унија? Јас имам силни аргументи против. Факт е дека земјите кои не се квалификуваат се нетрпеливи за да се приклучат на еврото, но оние кои се квалификуваат одлучија против таквото приклучување, со исклучок на Бугарија. Освен тоа, би сакал Британија да остане членка на ЕУ или евентуално повторно да ѝ се приклучи, а тоа нема да се случи доколку подразбира усвојување на еврото.

Изборот со кој се соочува ЕУ треба да биде подобро формулиран како избор меѓу приод со повеќе брзини и приод со повеќе патеки. Според приодот со повеќе брзини, државите-членки треба однапред да се договорат за крајниот резултат, додека според приодот со повеќе патеки, државите-членки се слободни да формираат коалиции од оние држави кои се подготвени да работат на остварување на конкретни цели за кои тие се согласни. Очигледно е дека приодот со повеќе патеки е пофлексибилен, но европската бирократија го претпочита приодот со повеќе брзини. Тоа во голема мера придонесе за ригидноста на структурата на ЕУ.

На ниво на држави-членки, нивните политички партии се генерално застарени. Старата дистинкција меѓу левичарски и десничарски партии е засенета од поделбата на про- или анти-европски партии. Тоа различно се манифестира во различни земји.

Во Германија, резултатите на последните избори го направија неодржлив аранжманот на сијамските близнаци ЦДУ и ЦСУ. Постои уште една партија, АфД која е уште подесничарска од ЦСУ во Баварија. Тоа ја принуди ЦСУ да се придвижи кон ултра десницата во очекување на локалните избори во Баварија следната година, па така јазот меѓу ЦСУ и ЦДУ стана преголем. Сето тоа го направи германскиот партиски систем крајно нефункционален сè до раскинување на врската меѓу ЦДУ и ЦСУ.

Во Британија, Конзервативците се јасно партија на десницата, а Лабуристите се партија на левицата, но секоја од нив е внатрешно поделена во своите ставови за Брегзитот. Тоа во голема мера ги комплицира преговорите за Брегзит, и создава тешкотии за Британија како земја да донесе одлука и да го измени својот став кон Европа.

Може да се очекува дека и други европски земји ќе минат низ слични прегрупирања, со исклучок на Франција, која веќе ја помина својата внатрешна револуција.

На ниво на електорат, иницијативата „одгоре-надолу“ што ја почна мала група на визионери предводени од Жан Моне го продолжи процесот на интеграција и мина долг пат, но таа ја загуби својата движечка сила. Сега ни треба комбинација од приод „одгоре-надолу“ на европските власти со иницијативи „оддолу-нагоре“ што ги презема ангажиран електорат. За среќа, постојат многу вакви иницијативи „оддолу-нагоре“, па останува да се види како властите ќе реагираат на нив. Досега, претседателот Макрон се покажа најреспонзивен. Својата кампања за Претседател на Франција ја водеше врз про-европска платформа и неговата моментална стратегија се фокусира на изборите за Европскиот парламент во 2019 година - и тоа налага ангажирање на електоратот.

***
Иако ситуацијата во Европа ја анализирав со повеќе детали, од историска перспектива, во крајна линија она што се случува во Азија е многу поважно. Кина е сила во подем. Во Кина имаше силни поддржувачи на отвореното општество кои беа испратени на преобразување во руралните области за време на револуцијата на Мао. Оние кои преживеаја се вратија на позиции на моќ во владата. Па оттаму, идната насока на Кина беше отворена за повеќе можности, но не повеќе.

Промотерите на отвореното општество сега се на возраст за пензионирање и Си Ѓинпинг, кој има повеќе заедничко со Путин отколку со таканаречениот Запад, почна да воспоставува нов систем на партиска патронажа. Се плашам дека изгледите за следните дваесет години се прилично црни. Сепак, важно е Кина да се вгради во институциите на глобалното управување. Тоа може да помогне во избегнување светска војна која би ја уништила целата наша цивилизација.

***
Ни остануваат само локалните борбени зони во Африка, на Блискиот Исток и во Средна Азија. Моите фондации се активно ангажирани во сите вакви места. Ние сме посебно фокусирани на Африка, каде „диктаторите во обид“ од Кенија, Зимбабве и Демократската Република Конго направија изборни измами од невидени размери и граѓаните буквално ги ризикуваат своите животи за да дадат отпор на влегувањето во диктатура. Нашата цел е да го зајакнеме локалното население за тие да се справат со сопствените проблеми, да им помагаат на обесправените и да го намалат човечкото страдање до најголем можен степен. Тоа ни остава многу за работа, дури и по мојот животен век.

поврзани новости

нема поврзани новости